СЕ КРЕНА И ТУРИСТИЧКА КОМОРА НА МАКЕДОНИЈА: Македонците да бидат изземени од биометриските проверки на граница со Грција во летната сезона
Туристичко-угостителската комора побара македонските граѓани да бидат привремено изземени од биометриските проверки при влез во Европската Унија преку Грција, во периодот од 1 јуни до 1 септември, поради очекуваните големи гужви.
Претседателот на комората, Керим, информира дека веќе се во комуникација со грчкото Министерство за туризам и се надеваат на позитивен одговор.
– Предвидуваме долги часови чекање. За едно четиричлено семејство потребни се околу 10 минути само за фотографирање. Ако еден уред обработува шест возила на час, а има илјадници автомобили, лесно е да се пресмета колку ќе трае задржувањето – посочи тој.
Според него, дополнителни проблеми може да настанат и кај автобусите, каде патниците ќе мора да излегуваат за регистрација, што дополнително го забавува процесот.
Од Комората нагласуваат дека новиот систем е добар од безбедносен аспект, но сметаат дека неговата примена треба да се одложи во шпицот на туристичката сезона.
Како пример ја наведуваат Велика Британија, за чии туристи Грција веќе направи отстапки со цел да се избегне метеж на аеродромите, имајќи предвид дека станува збор за милиони посетители годишно.
Слични очекувања има и во Србија, каде туристичките здруженија проценуваат дека, доколку притисокот стане преголем, Грција би можела привремено да ги ублажи контролите.
Новиот ЕЕС систем, кој веќе е во примена, ги заменува печатите во пасошите со дигитална регистрација што вклучува скенирање на документи, фотографирање и земање отпечатоци од прсти, како и автоматско следење на престојот.
Иако најавен како модерно решение, во пракса веќе предизвикува забавувања, а медиумите известуваат за долги редици и чекања на повеќе гранични премини и аеродроми низ Европа.
