Се исплати ли чување метар кубен нафта за едно евро во Македонија?
Дирекцијата за нафтени резерви во годишниот план предложи нова уредба со која на нафтените компании треба да им се плаќа по едно евро од метар кубен за „државниот“ дизел што ќе го чуваат и складираат.
Инаку, граѓаните со секој купен литар гориво и плаќаат на државата од 0,3 до 0,89 денари за нафтените резерви, па по оваа основа државата годишно собира околу осум милиони евра, но фирмите што ги чуваат резервите, со години не добиваат никаков надоместок. Актуелниот начин на добивање „компензација“ е застарен и потекнува од времето на СФРЈ со кој компаниите може да го користат горивото од резервите, но потоа да го вратат, што во суштина значи никаква добивка за тоа. Проценките говорат дека приватните компании годишно трошат по 3 до 4 милиони евра за чување на државните резерви на нафта во своите резервоари.
Самата Дирекција тоа го признава дека овој начин на обврските повеќе не кореспондира со реалната ситуација и бара „итно решавање на ова горливо прашање“. На овој начин не може да се најдат нови капацитети за чување на нафтата, а компаниите секодневно приговарале дека нивните трошоци за чување и складирање постојано растат. Имало и остри забелешки од Европската енергетска заедница дека не смее да им се отстапува 30 отсто од нафтата на компаниите бидејќи така ја нема пропишаната 90-дневна општа национална потрошувачка како резерва во секое време.Исто така, нафтените компании одбивале да се јават на тендерите и го бојкотирале учеството во јавните набавки се додека не се реши ова прашање.Дирекцијата признава дека во сите земји од Европската унија се плаќа за оваа услуга. Од таму велат дека плаќањето за чување би делувало стимулативно за изградба на нови складишта и трајно решавање на овој проблем. Од Дирекцијата тврдат дека според своите можности може да исплаќаат само едно евро од метар кубен
Согласно плановите за предвидени набавки за 2019-та, Дирекцијата ќе треба да обезбеди складишен простор од 139.000 метри кубни за својата нафта. Месечно тоа би значело 139.000 евра, односно 1,66 милиони евра на годишно ниво. Тоа би било многу помалку од проценките на компаниите, кои тврдат дека заедничките годишни трошоци за оваа намена им се неколкукратно поголеми.
Од министерството за финансии досега нема конкретен став кога ќе се надмине ова прашање.
A.K.
