Се е договорено, остануваат медиумите и оставката на Премиерот
Лидерите на четирите политички партии конечно се договорија за спорните прашања од договорот од Пржино.
Генералниот секретар на СДСМ, Оливер Спасовски, ќе биде новиот министер за внатрешни работи, а актуелниот Митко Чавков ќе биде негов заменик.
Министерот ќе има право да разрешува и да назначува, согласно закон, а дополнителниот заменик-министер ќе има право да постави заменик, со право на вето, на секое ново лице што ќе го назначи министерот.
Потпретседателот на СДСМ Фросина Ременски, ќе биде министер за труд и социјална политика, заменик-министер за земјоделство Љупчо Николовски, за финансии Кире Наумов, а за информатичко општество Александар Кирацовски.
По договорот во Клубот на пратеници, Заев меѓу другото рече дека и промените во Владата се прават со цел опозицијата, покрај власта, да биде гарант дека граѓаните на 24 април ќе можат слободно да ја изразат својата волја. Премиерот Груевски, пак, оцени дека е добро што СДСМ инсталирал истакнати партиски кадри за да можат тие да носат и политичка одговорност, а граѓаните да можеле да проценат како работеле кадрите на ВМРО-ДПМНЕ, а како тие на СДСМ.
Партиите се договорија и околу спорните прашања за прислушуваните разговори.
Законот за забрана за објавување на „бомбите" нема да важи за веќе објавените разговори, а новинарите и уредниците нема да се казнуваат.
Забраната за објавување важи само за снимки кои се од приватна природа, а под приватно се подразбира објавување на нечии семејни и лични односи, религиска или етничка припадност, политичка припадност или здравствена состојба, велат од СДСМ.
Договорен е и таканаречениот закон за свиркачи, кој официјално ќе се вика Закон за заштита на укажувачите и тој ќе ги штити соработниците на правдата и во државните институции и во приватните компании.
Сега останува обврската актуелната влада на премиерот Никола Груевски навреме да поднесе оставка, 100 дена пред изборите на 24 април следната година.
