Економија, финансии, бизнис

Контакт

СЕ ДЕФИНИРААТ УСЛОВИТЕ ЗА ОРГАНСКО ПРОИЗВОДСТВО – ќе следуваат високи казни за прекршителите

СЕ ДЕФИНИРААТ УСЛОВИТЕ ЗА ОРГАНСКО ПРОИЗВОДСТВО – ќе следуваат високи казни за прекршителите

Со новиот Закон за органско земјоделско производство се воведува современа и усогласена правна рамка што треба да обезбеди одржлив развој на органското производство, заштита на животната средина и јакнење на довербата на потрошувачите. Органското производство се дефинира како севкупен систем на управување со фарми и производство на храна кој се темели на зачувување на природните ресурси, биодиверзитетот, благосостојбата на животните и примена на високи стандарди за квалитет, во согласност со зголемената побарувачка за храна произведена со природни процеси и супстанции.

Со законот се прави јасна разлика меѓу органското и конвенционалното земјоделство, при што земјоделските производители доброволно се определуваат за органско производство и преземаат обврска да ги исполнуваат посебните барања пропишани со закон.

Органското производство, според законското решение, има двојна улога – обезбедува пазар за специфични органски производи и истовремено создава јавни добра што придонесуваат за заштита на животната средина, добросостојбата на животните и руралниот развој.

Новото законско решение има за цел да обезбеди лојална конкуренција и ефикасно функционирање на пазарот на органски производи, да им овозможи на земјоделците стабилен и објективен приход, а на потрошувачите сигурност дека производите означени како органски навистина ги исполнуваат пропишаните стандарди. Законот предвидува усогласување со политиките на Европската Унија и Регулативата (ЕУ) 2018/848, со што се создаваат услови за полесен пласман на органските производи на европскиот пазар и еднаков третман на домашните производители со оние од земјите членки на ЕУ.

Посебен акцент е ставен на олеснување на сертификацијата на малите земјоделски стопанства преку воведување систем на групна сертификација. Со ова се очекува намалување на трошоците за инспекција и сертификација, помало административно оптоварување и зголемена конкурентност на малите производители на пазарот. Истовремено, законот предвидува појасни и попрецизни одредби, вклучително и воведување каталог на мерки кои ќе се применуваат во случаи на сомневање или утврдена неусогласеност со правилата за органско производство.

Со законот се зајакнува и системот на официјална контрола, преку построги мерки на претпазливост и проширени проверки засновани на следливост и процена на ризикот долж целиот синџир на снабдување. Производителите од трети земји ќе мора да ги исполнуваат истите стандарди како и производителите во Европската Унија, што треба да спречи нелојална конкуренција и да ја заштити довербата на потрошувачите.

За поддршка на органското земјоделско производство, законот предвидува финансиски средства за годишната програма за 2026 година во износ од 100 милиони денари (1,6 милиони евра), обезбедени преку Буџетот на Република Северна Македонија, без да се наметнат нови материјални обврски за субјектите што ги пласираат органските производи на пазарот.

Во законот се пропишани и прекршочни санкции за непочитување на правилата, со високи глоби за правните лица, во зависност од нивната големина, како и санкции за одговорните лица и физичките лица. Во потешки случаи, предвидена е и забрана за вршење дејност во период од три месеци до две години, што треба да обезбеди доследна примена на стандардите и да спречи злоупотреби во органското производство.

Во одредбите се наведува дека казните ќе се движат во износ од 500 до 1.000 евра за правно лице - микро трговец, од 600 до 1.200 евра за мал трговец, од 1.200 до 2.000 евра за среден трговец и од 2.000 до 3.000 евра за голема компанија.

Со донесувањето на новиот Закон за органско земјоделско производство, државата прави значаен чекор кон усогласување со европските правила, унапредување на квалитетот на храната и поттикнување на одржливо земјоделство, во интерес и на производителите и на потрошувачите.

П.О.

Слично

Поврзани вести