Се чека протестите да завршат за да има договор
Дополнителните денови за решавање на овие недоразбирања го пролонгираа финалниот разговор меѓу премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас, но врз конечниот тајминг најверојатно влијаат и протестите закажани за утревечер во најмалку 13 грчки градови.
Како што дознава ДВ, изминативе денови биле искористени за надминување на разликите, со оглед дека станува збор за чувствителна тема која треба да заврши со прифатлив компромис, а не со незадоволство на која било страна што би можело да ги закопа надежите дека воопшто е можен договор. Голема воздржаност за деталите владее кај властите и во двете земји, а дека станува збор за сложен и тежок процес, потврди и шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас, во вчерашното интервју за грчката државна телевизија ЕРТ.
„Преговорите секогаш не одат по права линија, туку и нагоре и надолу“, изјавил Коѕијас и изразил убеденост и надеж дека во наредните денови може да дојде до решение на прашањето за името.
Иако работата на тимовите од двете земји очигледно е при крај, не е исклучено дека врз целиот процес влијание имаат и протестите за одбрана на „грчкиот карактер на Македонија“ закажани за утре (6.6.) во 19.30 часот.