СЕ БЛИЖИ СВЕТИ ТРИФУН: Колку вино годишно пијат Македонците?
Се ближи Денот на лозарите-Свети Трифун, а статистиките покажуваат дека Македонците во 2024 година во просек пиеле по 1.5 литри вино. Но, ако ја погледнеме структурата на домаќинствата, повеќе вино пијат оние кои не го произведуваат.
Во земјоделските семејства просекот по лице во 2024 година бил 1.1 литри, а кај неземјоделските семејства просекот бил повисок, односно 1.6 литри.
Во 2023 година, количината по лице била 1.3 литри, во 2022 година според Државниот завод за статистика(ДЗС) просекот бил 1.2 литри, во 2021 и 2020 година изнесувал 1.6 литри, а во 2019 и 2018 година просекот бил 1.5 литри. Стручните лица советуваат виното да се пие во умерени количини, а одредени категории со здравствени проблеми треба да го избегнуваат.
„Во умерени количини може да се пие вино, но да се внесат антиоксиданси може и со консумирање на бобинки. Сепак, сметам дека сме народ кој претерува со алкохол и не го разбираме тоа „умерено“. Оние луѓе со кардиоваскуларните заболувања, со хормонските пореметувања, треба да внимаваат, но и тинејџерите да не консумираат алкохол“, вели нутриционистот Емилија Блажеска – Ангеловска.
Во 2017 и 2015 година, македонските граѓани во просек пиеле по 1.7 литри вино. Во 2016 година, податокот покажува дека просекот бил 1.9 литри. Во 2014 година, просекот на испиено вино е 1.8 литри по лице. Сепак, 2010 година се одвојува со повисок просек од 2.3 литри по лице. Во 2010 година граѓаните во просек пиеле по 2.4 литри вино годишно. Исто било и во 2009 година. Во 2008 година, македонските граѓани повеќе консумирале вино, односно 2.5 литри по лице. За 2004 година, ДЗС регистрира 2.6 литри потрошено вино по лице. Во 2003 година, едно лице во просек испило по 3.9 литри вино, додека во 2002 година, просекот бил 4.4 литри.
Европа е водечкиот светски регион, со потрошувачка од 107 милиони хектолитри во 2023 година. Франција е меѓу најголемите потрошувачи (24,4 милиони хектолитри), а меѓу првите се Италија и Германија. Португалија и Луксембург често се рангирани највисоко по потрошувачка на вино по глава на жител. И покрај високата потрошувачка, стапките генерално се намалуваат во земјите со традиционално производство.
Сања Атанасовска