СЕ БАРААТ ПОВЕЌЕ ДОКУМЕНТИ: Бектеши вели без процедури не можат да делат ваучери
Граѓаните со ниски примања може да аплицираат за ваучери за туризам.
Министерот за економија Крешник Бектеши денеска објасни дека јавниот повик за доделување ваучери за туризам за граѓаните со ниски приходи ќе се реализира како што е објавен и нема да има никакви измени. Вели дека заложбата на оваа Влада е транспарентност, отвореност и почитување на сите процедури.
„Ние не можеме без процедури да делиме ваучери зашто тоа се средства на сите граѓани во државата и на транспарентен начин треба да бидат користени како средства од Буџетот“, рече Бектеши.
Вредноста на ваучерот е 200 евра. Дел од граѓаните реагираат дека процедурите се пресложени, затоа што треба да се вади извод од матичната книга на родени и други документи, a рокот за доставување на барањата за ваучерите е краток и трае до 30 јуни. И претходно во земјава се доделуваа вакви ваучери, кои беа од полза за граѓаните, но и за домашните туристички капацитети.
