Економија, финансии, бизнис

Контакт

СЕ БАРААТ ЛАПТОПИ И МОБИЛНИ ЗА РАБОТА ОД ДОМА - продажбата во техничките салони намалена, расте онлајн купувањето

СЕ БАРААТ ЛАПТОПИ И МОБИЛНИ ЗА РАБОТА ОД ДОМА - продажбата во техничките салони намалена, расте онлајн купувањето

Лаптопи и мобилни телефони. Тоа е техничката стока што најмногу ја бараат граѓаните од салоните за продажба на техничка стока. Другите производи, како што се машини, фрижидери и шпорети, во овој кризен период, речиси и да не ги интересираат.

Откако Владата препорача, а најголем број од компаниите прифатија да го организираат работниот процес на тој начин што вработените од дома ќе ги извршуваат своите работни задачи, нормално е да се зголеми побарувачката за лаптопи.

Во прилог на тоа оди и фактот што во училиштата наставата се одвива преку интернет, па се зголемува бројот на членови во семејството на кои им е потребен лаптопот како средство за работа или за учење.

Фактор разговараше со менаџерите и вработените во салоните за продажба на техничка стока. Тие генерално велат дека продажбата во последниов месец е драстично намалена, со оглед на рестриктивните мерки за ограничување на движењето.

Во наредниот период би требало таа и натаму да опаѓа, од причина што од вчера полицискиот час стартува уште од 16 часот, а викендов, пак, целосно ќе биде забрането движењето на граѓаните, стартувајќи уште од петокот.

Продажбата преку интернет расте, но според некои проценки, не со таков тренд како што се очекуваше.

Во „Нептун“, иако продажбата е намалена, она што најмногу се бара и се купува од граѓаните, се лаптопи и мобилни телефони.

„Ако сакаме со една реченица да опишеме каква е состојбата во салоните за техника и што најмногу се бара, би кажале дека тоа дефинитивно се лаптопи и мобилни телефони. Тие на граѓаните им се потребни за работа од дома“, вели Горан Цветинов, директор на „Нептун“.

Цветинов за Фактор објаснува дека побарувачката и купувањето во овие продажни објекти откако почна корона кризата е драстично намалена. Односно, за речиси сите други видови на производи набавките се опаднати. Сепак, продажбата се одржува благодарение на побарувачката за лап топ комјутери и мобилни телефони.

Продажбата преку интернет е зголемена, но како што вели Цветинов, таа не пораснала онака како што се очекувало кога почна корона кризата. Всушност, директорот на „Нептун“ објаснува дека онлајн продажбата и досега не била висока, а сега навистина има зголемување, но неблагодарно е да се даваат проценти на пораст, бидејќи би се тргнало од многу ниска стартна основа.  

„Нептун“ во земјава има 25 продажни објекти, но во моментов четири од нив не работат, а тоа се салоните во моловите, кои што се затворени, како и во Дебар, каде што се уште владее кризната состојба.

„Со оглед на тоа што најголемиот број од нашите дуќани се уште се отворени, граѓаните сепак преферираат да си дојдат во нив и да си ги одберат производите. Иако, побарувачката е значајно намалена“, вели Цветинов.

И во „Сетек“ е намалена продажбата, а вработените како причина ги наведуваат рестриктивните мерки кои го ограничуваат движењето.

„Логично е да е намалена продажбата, во услови кога граѓаните не можат кога сакаат да излезат и да си набават производи. Интернет продажбата расте во овој период“, велат од „Сетек“.

И оттаму потенцираат дека она што најмногу во овој период се бара од граѓаните, е пред се таканаречената „црна техника“, пред се лаптопи.

Нина Нинеска-Фиданоска

Слично

Поврзани вести