Економија, финансии, бизнис

Контакт

СЕ БАРААТ ИЗМЕНИ НА ЗАКОНОТ ЗА ДДВ – пратениците предлагаат прагoт да се врзе со минималната плата

СЕ БАРААТ ИЗМЕНИ НА ЗАКОНОТ ЗА ДДВ – пратениците предлагаат прагoт да се врзе со минималната плата

Пратениците Елми Азири, Зиадин Села и Илире Даути поднесоа Предлог-закон за изменување на Законот за данокот на додадена вредност, со кој се предлага нов начин на утврдување на прагот за задолжителна регистрација за ДДВ.

Според предлагачите, фискалната политика има клучна улога во обезбедување економска стабилност и социјална правичност, а прагот за регистрација за ДДВ треба да биде усогласен со економската реалност и со движењата на минималната плата. Наместо фиксно утврден износ, како што е сегашниот праг од 2.000.000 денари, се предлага пресметката да се врзува за бројот на минимални плати, утврдени во референтниот период од декември 2019 до март 2020 година, кога повторно беше воведен овој праг.

-  Со ваквиот модел, прагот би се прилагодувал автоматски во согласност со растот на минималната плата, со што би се обезбедила поголема предвидливост и правична распределба на даночните обврски – се посочува во предлог законот доставен во Собранието.

Предлагачите сметаат дека ова решение ќе овозможи подобро следење на прометот на даночните обврзници и ќе обезбеди легитимитет и правна сигурност за оние кои ја надминуваат утврдената граница.

Во образложението се наведува дека ваквиот пристап има и стратешко значење за економскиот раст, бидејќи зголемувањето на минималната плата автоматски би влијаело и врз прагот за ДДВ, што ќе овозможи усогласување на фискалната политика со реалните пазарни услови.

-  Со овој механизам ќе придонесе за зајакнување на фискалната дисциплина, транспарентноста и намалување на можноста за избегнување даночни обврски – нагласуваат предлагачите.

Посебен акцент се става на заштитата на малите и средните претпријатија, кои често се најранливи во услови на економски турбуленции. Поврзувањето на прагот со минималната плата, според предлагачите, ќе овозможи тие да добијат простор за развој без дополнително даночно оптоварување кое не ја одразува реалната економска состојба.

Предлог-законот ги задржува целите и начелата на постојниот закон, но воведува механизам за автоматско прилагодување на прагот, со цел усогласување на фискалната политика со движењата на пазарот. Во образложението се наведува дека за спроведување на законот ќе бидат потребни финансиски средства, како и дека истиот ќе има материјални импликации за одделни субјекти поради можно намалување на приходите од ДДВ во Буџетот.

П.О.

Слично

Поврзани вести