Се бара стечај над главната леарница на Скопје 2014
Поведена е претходна постапка за испитување на условите за отварање на стечајна постапка над РЖ Институт АД-Скопје, соопшти друштвото денеска. Рочиштето поради изјаснување на предлогот за отварање на стечајна постапка е закажано на 20 април годинава.
РЖ Институт произведува алуминиумски легури, делови, уметнички одлеаноци од бронза, месинг, алуминиум, полиестер, восок. (скулптури, сувенири, релјефи), потоа црковни ѕвона и црковна опрема, огноотпорни материјали за челичната индустрија, канделабри и урбана опрема. РЖ Институт произведува и противпожарни материјали кои се користат во челичната индустрија, кварцен песок за сопирачки системи, се бави со производство на калцит и доломит за белеење. Освен овие услуги друштвото врши истражување во областа на рударската и металургиската индустрија.
Формирано е во рамките на некогашниот индустриски гигант „Рудници и Железарници- Скопје”.
Во 1997 година РЖ Институт се трансформира во акционерско друштво, а од февруари 2001 година е целосно приватизиран. Акциите на РЖ Институт АД Скопје котираат на Официјалниот пазар на Македонската берза.
Не се соопштува кој го бара стечајот. РЖ Институт лееше дел од Скопје 2014, односно според некои анализи ова друштво имаше милиони договори со градот и општина Центар за објектите од овој проект.
А.Т.
