Економија, финансии, бизнис

Контакт

Се бара оставка од Тодоров

Се бара оставка од Тодоров

„Мора да има одговорност за системот кој убива, наместо да лечи! Да му кажеме на Министерот „Смрт“ дека дојде времето да ја понесе одговорноста и самиот да си замине од оваа одговорна функција“ – ова го изјавија денеска организаторите на протестот пред Собрание, каде бараа оставка од министерот Никола Тодоров.

Додека пратениците расправаа за интерпелацијата на министерот Тодоров, група граѓаните се собраа пред собрание со натписи „Време е за одговорност“, „Нашите животи не се твои партиски поени“, „Министер за смрт“ и извикуваат „Убијци“ и „Оставка“.

Протестот беше мирен, а Собранието под силно полициско обезбедување.

„Случајот на малата Тамара, случајот со трудниците и многу други случаи даваат повод опозицијата, граѓаните и невладиниот сектор да бараат министерот да си даде оставка. Но, и покрај сите скандали Тодоров ниту еднаш не понесе одговорност. Затоа, време е да се каже доста е, оставка!" рече Андријана Селмани, дел од граѓанската иницијатива „Ајде“.

На протестот присуства и семејството на починатата Тамара од Велес. Нејзината мајка, Жаклина Димовска порача дека здравствениот систем се уште е во хаос и дека таа повторно се соочува со проблеми со другата ќерка Теона, која освен вродена срцева маана, се соочува со почетна фаза на искривување на 'рбетот.

Пред Собранието беа поставени и картонски кутии во кoи луѓето собрани на протестот донираа за болните деца на кои им е потребно итно лекување.

Додека граѓаните протестираат, на разглас се пуштаат изјави од министерот Тодоров во кој тој се брани за своето работење.

Протестот го организираа Граѓанската платформа „Ајде“ и организацијата „ТодороOFF“.

(Фото: РадиоМоф)

Слично

Поврзани вести