Опозицијата бојкотира седници, побарана е екстрадиција на Шиповиќ од Виена
Започнува постапката за враќање на претседавачот на општина Центар Мирослав Шиповиќ во Скопје. За првоосомничниот за случајот „Машинопромет“, барањето за екстрадиција го потпишал министерот за правда, Блерим Беџети по што е испратено до австриските власти.
Сега се чека судот во Австрија да одлучи дали ќе дозволи екстрадиција за Шиповиќ и ваквата одлуката да ја потпише австрискиот министер за правда.
Како што пренесе НОВА, од СДСМ најавиле дека нема да учествуваат на утрешната седница на град Скопје во знак на солидарност кон Мирослав Шиповиќ. Според координаторот на СДСМ во Град Скопје, Софија Куновска, недозволиво е премиерот преку институционално насилство да го преземат функционирањето во општина Центар. Таа ја повикува власта да не врши притисок врз судовите во Македонија, а за притворот на Шиповиќ вели дека е политички монтиран процес.
Денеска и советничката група на СДСМ во Советот на општина Штип и другите советници од коалицијата „Сојуз за иднината“ ја напуштија седницата на Советот на општина Штип. Причината за ваквата постапка на советниците е мерката притвор што во понеделникот му беше изречена на Мирослав Шиповиќ. Истото го направија и советниците од опозицијата во Куманово.
Од опозицијата побараа судот да го ослободи Шиповиќ и да му дозволи да се брани од слобода.
Шиповиќ беше уапсен на аеродромот во Виена на 15 октомври, а претходно изјави дека преку Виена се враќа во Македонија по краткиот престој во САД.
Покрај него како првоосомничен, во случајот „Машинопромет“ се сомничат уште 11 лица. Во отсуство, судот на Шиповиќ му одреди мерка притвор од 30 дена.
Слично
