СДСМ: Законски привилегии – за семејно насилство богатите може да платат и да бидат слободни
„Последниот случај на тројно убиство во Кавадарци покажа дека институциите кои треба да штитат од насилство не функционираат, реагираат од опозицијата.
Заштитата од семејно насилство лошо се применува на терен што се покажува трагично по повеќе одземени човечки животи во изминатиов период, реагираат денеска од опозицијата.
-Шалтер центрите не работат. Полициските станици наплаќаат за посета на семејства каде има пријава за семејно насилство. Здравствените институции сметаат дека пријавувањето на жртви на семејно насилство не е нивна обврска. Центрите за социјална работа немаат технички ресурси за увид во семејствата и работа на терен. Недостасуваат советувалишта за деца.
Дополнително, ниту со донесувањето на нов Закон за превенција, спречување и заштита од семејно насилство власта на Никола Груевски не понуди никакви конкретни решенија за решавање на проблемите.
Иако најголемиот број на пријавени жртви од семејно насилство во Македонија се жени, овој Закон како посебна целна група не ги вклучува жените, со што ги дискриминира“, изјави на денешната прес конференција Мила Царовска.
-Предвидените времени мерки за заштита, како на пример отстранување на сторителот на семејно насилство од домот, се нејасни и не може да се спроведат. Нема насока каде сторителот ќе биде пратен. Никој не може да гарантира дека нема да се врати во домот и да нема да ја повреди жртвата. Токму случајот во Кавадарци е резултатот од не третирање на сторителот и опасностите кога е оставен без контрола.
Дополнително, власта нуди законска привилегија на богатите сторители на насилство, што е скандалозно. Замислете, Власта на Груевски предвидела, доколку сторител на семејно насилство, не ја почитува судската одлука за спроведување на некоја од привремените мерки, може да си плати 2.500-5.000 евра и да биде ослободен.
Фактот што овој закон се донесе без финансиски импликации или без определен буџет за негово имплементирање покажува дека ниту еден дополнителен сервис за заштита нема да биде отворен, вели таа.
Опозицијата ја повика власта што поскоро да ја ратификува Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против домашното насилство и насилството врз жените, попозната како Истанбулска конвенција .
Според СДСМ Конвенцијата е првиот сеопфатен инструмент на европско ниво кој се однесува на насилството и соодветната имплементација ќе влијае на решавање на дел од проблемите. Тоа ќе биде значаен чекор кој може да спаси многу човечки животи, велат тие.
Македонија ја потпиша Конвенцијата на 08.07.2011, но сè уште ја нема ратификувано.
