СДСМ: За распадот на бетонот Груевски се правда со нарачано интервју
Нарачано интервју. Вака опозициската СДСМ го нарече мегаинтервјуто на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски за сајтот Телеграф.мк.
Од партијата на Заев велат дека откако се распаднал бетонот (мислејќи на откажаните избори за 5 јуни), првиот човек на владеачката партија морал да се правда со нарачано интервју.
„Самонареченото мега интервју на Груевски е огледало на сите негови фрустрации од тоа што граѓаните се на нозе, што без разлика на политичка, етничка или друга припадност се кренаа против неговото криминално владеење. Приказните за странски служби, секташки однесувања и други бесмислени изјави зборуваат за тешката состојба во којашто се наоѓа уплашениот Никола Груевски“, реагираат од СДСМ.
Оттаму додаваат „дека независните институции многу му пречат на Груевски затоа што ја потврдуваат вистината за неговото криминално владеење“.
„Груевски не може да ги лаже граѓаните. Па тој да беше навистина невин како што лажно сака да се претстави немаше да нарачува аболиција кај Ѓорге Иванов, спротивна на закон и Устав. Граѓаните знаат дека Македонија се наоѓа во криза само за Никола Груевски да не оди во затвор. Очигледно дека најголеми, мега фрустрации Никола Груевски сепак покажува кон лидерот на демократска Македонија, претседателот на СДСМ, Зоран Заев. Не може да се помири аболицираниот Никола Груевски дека зборот на претседателот Заев е збор. Рече дека избори на 5-ти јуни нема да има поради неисполнети услови и тоа се докажа. Рече дека има уставен и законски основ за свикување на Собранието и тоа се докажа. Аболицијата целосно ќе се поништи и одговорност ќе има. Тоа најмногу го плаши Никола Груевски“, стои во соопштението на опозициската партија.
Имено, екс премиерот и актуелен прв човек на владеачката ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски во интервју за Телеграф.мк зборува за актуелната политичка состојба во земјава, одложувањето на изборите, протестите, политичкиот опонент Зоран Заев, работата на СЈО.
Во првиот дел лидерот на ВМРО-ДПМНЕ зборува за начинот на дејствување на невладините организации и одложувањето на изборите, кои беа закажани за 5 јуни.
„Две и пол децении, ВМРО-ДПМНЕ се потпира само на народот и се труди колку може повеќе да му биде сервилен и да ги исполни ветувањата кон него и неговите потреби и барања, а СДСМ се потпира на спонзорите однадвор и се сервилни кон нив, а не кон народот. Ова меѓу другото го нагласува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во интервјуто за порталот Телеграф.мк.
„Ние имаме две опозиции. Една официјална, СДСМ со неколку сателит или човек-партии со нив и уште една, би ја нарекол платена опозиција, иако индиректно и оваа првата користи од средствата на втората. Веројатно некој проценил дека, кога СДСМ е во опозиција не може со сопствени сили да се избори кај граѓаните за освојување на довербата и затоа вложува големи пари да им помага. И така е, еве повеќе од две децении.
Сите НВО, кои се финансирани од Сорос, кога е на власт ВМРО, работат, се борат повремено и протестираат против нас, а кога е на власт СДСМ, главно работат проекти што се поддржани од СДСМ. Значи, некој однадвор секогаш низ овие две и пол децении плаќа да му се помогне на СДСМ. Прво, затоа што со таков избор на кадри во раководството неспособни се самите да дојдат на власт или да се одржат на власт и второ, затоа што некој сака да се тие на власт, заради некој негов интерес. Никој не дава толку пари без да има некој интерес од тоа“, вели тој.
Повеќе за интервјуто прочитајте овде.
