СДСМ за преодна без Груевски, ВМРО не попушта, ДУИ сака владина мини реконструкција!
Лидерите на чеитирите политички партии, ВМРО ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА, Никола Груевски, Зоран Заев, Али Ахмети и Мендух Тачи постигнале договор за предвремени парламентарни избори. На вчерашната маратонска средба во резиденцијата на евроамбасадорот Аиво Орав, еврокомесарот за проширување и соседска политика Јоханес Хан, сепак не откри детали околу тоа која Влада ќе ги организира изборите.
Хан непосредно пред крајот на лидерската средба истакна дека имале многу интересна и конструктивна средба.
„Како што гледате опкружен сум со лидерите на политичките партии, имавме добра дискусија и добро е што и овојпат ги потврдивме заложбите за европската иднина на земјата. Претходно важно е да се решат внатрешните проблеми и поради тоа имавме временски притисок и да се постигне политички компромис и баланс. Се согласивме на транзиционен период, а до крајот на април идната година да се спроведат предвремени избори, но претходно важно е државата да се подготви за тоа. Да се направи прочистување на избирачкиот список и да се прифатат сите препораки на Европската унија. Деталите ќе се договорат на средба наредната недела (10 јуни) во Брисел“, истакна Хан.
Многу прашања, малку одговори
Во изјавата по средбата еврокомесарот Хан, периодот до изборите (април 2016) го нарече транзициски, во кој ќе треба да се создадат услови за фер натпревар, но не соопшти дали има договор и која влада ќе ги организира.
Партиски, но и дипломатски извори по лидерската средба брифираат дека договорот за избори може да биде поништен, доколку на средбата во Брисел не биде прифатено барањето на опозиционерите за преодна влада, во која нема да биде Груевски.
Опозиционерите сепак очекуваат да се постигне договор за транзициска влада, бидејќи, сметаат дека тоа е единствен начин да се смени изборната регулатива и политичкиот амбиент во земјата. Од ВМРО-ДПМНЕ не попуштаат кога е во прашање преодна влада, а извори од ДУИ велат дека компромисот може да биде во нова реконтрукција на Владата, во која неколку клучни министерства ќе добие опозиција, но Груевски да остане премиер.
Слично
