СДСМ за бизнисите на Мијалков, ВМРО-ДПМНЕ вели – лажат
Само фирми блиски до братучедите од власта Никола Груевски и Сашо Мијалков можат да водат успешни бизниси во Македонија, обвинуваат од опозицискиот СДСМ. Од таму презентираа податоци според кои, фамозната фирма „Ексико“ во 2011 година ја нема на листата 200 најуспешни фирми во земјата, но затоа следната година преку добивање милионски тендери од власта и купување акции се искачува на 29 место.
„Што значи овој успех во бројки? Еве - добивка на „Ексико“ пред оданочување, само за 2012 година од околу 180.000.000 денари или близу 3.000.000 евра! Само за една година. Три милиони евра добивка на Ексико“, рече Петре Шилегов, порпарол на СДСМ.
Тој додава дека растот на профитот на „Ексико“ се совпаѓа со влегувањето на оф-шор фирмата „ТМЈ Инвестмент“ во оваа фирма. Управителите на „ТМЈ Инвестмент“ раководат и со фирмата „Тасига Корп“ од Панама на која директорот на УБК Сашо Мијалков ја продал својата компанија „Миртланис“, додава Шилегов.
На овој начин, според него, токму Груевски и Мијалков го држат целото македонско стопанство во свои раце и извлекуваат огромни суми пари во странство.
Ваквите обвинувања од ВМРО-ДПМНЕ ги отфрлаат како лаги и манипулации.
„Петре Шилегов и СДСМ продолжуваат да лажат. Како што лажат за својата имотно состојба, така лажат и за сите други. Иако неколку пати им беше децидно одговорено дека информациите, кои во форма на прашања ги кажуваат во јавност, се неточни и манипулативни, тие очигледно решиле да продолжат по истата насока“, порача ВМРО-ДПМНЕ реагирајќи нa денешниот пресс на портпаролот на СДСМ.
Владејачката партија го обвинува Шилегов дека „овозможувал бизниси на богаташите на СДСМ, а денес продолжува да биде нивен нечист играч. Се крие зад прашања, манипулира и лаже“.
Слично
