Економија, финансии, бизнис

Контакт

СДСМ vs. ВМРО ДПМНЕ: Поврат на ДДВ или лото со фискални сметки?

СДСМ vs. ВМРО ДПМНЕ: Поврат на ДДВ или лото со фискални сметки?
Доколку се прифатеше мерката на СДСМ за поврат на 15% од ДДВ, само за месец декември тоа ќе значеше враќање на 10,5 милиони ера пари во рацете на граѓаните, вели претседателот на Советот за економски прашања на опозициската партија Кире Наумов. „Според податоците на Министерството за финансии, толку изнесува 15 проценти од данокот на додадена вредност собран за месец декември 2013. Добитници ќе беа сите граѓани на државата. Не само неколкумина како во фискалното ЛОТО по теркот на Ставревски“, додаде Наумов. Според него, за власта на Никола Груевски, мерката на СДСМ е неприфатлива бидејќи ако ја спроведат, „нема да им останат средства за нивните коруптивни зделки и непродуктивни трошења“. Наумов тврди и дека нивото на капитални инвестиции во земјава опаѓа. „Во 2013 се реализирани најмали капитални инвестиции во последните три години во износ од 270 милиони евра. За ова говори и податокот дека во 2013 во првите девет месеци бруто инвестициите паднале за 15 проценти“, додава тој. Од ВМРО ДПМНЕ велат дека преку прес конференцијата на Наумов може да се заклучи дека СДСМ отворено ќе застане против народот, неговите ставови и желби. „СДСМ е контра наградната игра - а стотиците илјади пликоа кои пристигаат за учество во наградната игра покажуваат која е желбата на народот“, стои во реакцијата на ВМРО ДПМНЕ. „Ако зборуваме за капитални расходи во периодот од 2002 до 2005 година додека СДСМ беше на власт просечните капитални расходи изнесуваат годишно 9,9 милјарди денари. Откако ВМРО-ДПМНЕ е на власт, односно од 2006 година наваму, просечните капитални расходи изнесуваат 17,9 милијарди или двојно повеќе“, се вели во реакцијата. Од партијата на власт коментираат дека „СДСМ знае само да критикува, а ништо нема остварено кога имаше шанса“.
Слично

Поврзани вести