Економија, финансии, бизнис

Контакт

СДСМ vs ВМРО ДПМНЕ: Дали државата се задолжува пред избори?

СДСМ vs ВМРО ДПМНЕ: Дали државата се задолжува пред избори?
Владата на ВМРО-ДПМНЕ користи странски и домашни заеми, односно, ја задолжува државата за свои себични цели, рече во понеделник на прес конференција Ванчо Узунов, потпретседател на СДСМ. Македонија традиционално се задолжува пред секој изборен циклус и на тој начин владеачкото мнозинство ја купува довербата од граѓаните, обвини опозициската СДСМ. Според партијата, доказ за ова биле податоците дека два месеца пред одржувањето на изборите во 2011 година, приливите во буџетот врз основа на странски заеми се зголемуваат за над 200 милиони евра, а за локалните избори во 2013 година, ситуацијата била уште многу повеќе драстична. „Имено, два месеца пред одржувањето на изборите во 2013 година, приливите во буџетот врз основа на странски заеми се зголемуваат за речиси 280 милиони евра. Значи, токму во предизборниот период на локалните избори било потребно толку големо задолжување на државата со заеми од странство!", вели потпретседателот на СДСМ Ванчо Узунов. „Три месеца пред одржувањето на изборите во 2013 година, односно декември 2012, јануари и февруари 2013 година, приливите во буџетот врз основа на емисија на државни записи се зголемуваат речиси 230 милиони евра. Значи токму во предизборниот период на владата и било потребно толку големо задолжување на државата преку емисија на државни записи. Нема потреба владата да се задолжува пред избори ако нема потреба да ги купува тие избори", додаде тој. Реагираше владеачката ВМРО-ДПМНЕ, од каде велат дека опозициската СДСМ почнува со пресконференции на кои „бара алиби за поразот на престојните избори“. „Очигледно се свесни дека ја немаат поддршката од граѓаните за нивната политика и се обидуваат на секој можен начин да ја девалвираат работата на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Пред само една недела во Собранието на Република Македонија се донесоа измените на Изборниот законик во кој беа опфатени сите барања на СДСМ, што и самите високи функционери на СДСМ го поздравија. Оттука не ни е јасно зошто овојпат на СДСМ повторно нешто им смета и не им се допаѓа. Ние за разлика од СДСМ го почитуваме она што е договорено и се држиме целосно до одредбите од Изборниот законик“, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Слично

Поврзани вести