Економија, финансии, бизнис

Контакт

СДСМ: Власта се обидува да ги пополни буџетските дупки на грбот на хонорарците

СДСМ: Власта се обидува да ги пополни буџетските дупки на грбот на хонорарците
Социјалдемократскиот сојуз најостро се спротивставува на новодонесениот закон според кој придонеси ќе треба да се плаќаат и за хонорарите остварени со договори на дело и авторски договори, а кој стапува на сила од 1 јануари 2015 година. Тоа ќе бидат дополнителни плаќања за здравствено и пензиско осигурување дури и за оние граѓани кои веќе еднаш ја исполниле оваа законска обврска, вели потпретседателот на СДСМ Александар Кирацовски. „Значи, од Нова година повеќе нема да биде важно дали сте привремено вработени или сте вработени на неопределено работно време. За вашите договори на дело и авторските договори, компаниите ќе мора да издвојуваат давачки во висина од 35 проценти од договорениот надоместок, во коишто покрај персоналниот данок, предвидени се и давачки за здравствено и пензиско осигурување. Ова е двојно оданочување. Оправдани се стравувањата дека тоа најверојатно ќе резултира со индиректно намалување на хонорарите“, вели тој. Тој смета дека ако некој примал 12.000 денари нето приход, сега во неговиот договор повторно ќе има хонорар од 12.000 денари, но тоа ќе биде бруто износ, што ќе биде намален за 3.000 денари издаток за социјалните придонеси. Граѓаните, пак, кои се принудени да работат на две-три места за да си обезбедат егзистенција, без разлика што примаат хонорари помали од минималната плата, сега се принудени самите да си ги платат овие придонеси, доколку збирот на средствата што ги одработиле е макар за денар поголем од законски утврдената минимална плата. Кога ќе им се одземат средствата за државата, ним ќе им остане приход помал од минимална плата, велат од СДСМ. Според опозцијата, власта нема право да ги полни буџетските дупки на грбот на граѓаните. „Стравуваме дека сето ова ќе резултира со отпуштања од страна на работодавците кои ова не ќе можат да го издржат“, предупредува Кирацовски. СДСМ изнесе и неколку предлози: 1. Oвој закон да не важи за хонорарците кои имаат приходи од повеќе договори кои поединечно се под минималната плата, а нивниот збир не е над 12.700 денари. На тој начин граѓаните во никој случај нема да бидат доведени во ситуација да добијат приход помал од минималната плата, 2. Вработените на кои веќе им се плаќаат социјални придонеси, да не бидат изложени одново на вакви издатоци, 3. Висината на придонесите да биде регулирана по принципот: граѓаните со помали хонорарни приходи, односно најголемиот дел од хонорарците, процентуално да плаќаат помалку, додека граѓаните со повисоки, да плаќаат повеќе.
Слично

Поврзани вести