СДСМ: Владата сериозно да го сфати проблемот со откупот на пченицата и брзо да реагира!
СДСМ апелира Владата да ја спаси годинешната реколта со интервентен откуп на пченицата исклучиво од индивидуалните земјоделци по 15 денари за килограм. „Владата нема друг избор освен да изврши интервентен откуп на 10-те илјади тони пченица“, бара СДСМ. „За проблемот со откупот на пченицата алармиравме уште кога земјоделците се пожалија дека мелничарите немаат интерес да ја откупуваат пченицата по препорачаната цена од министерството за земјоделство“, велат во СДСМ. Од СДСМ укажале дека пченицата се продава на црно на трговци од Албанија или домашни мелничари им ја купуваат по 9-11 денари за килограм. „Владата не смее да стои настрана и да се правда со пазарните услови, во ситуација кога земјоделците имаат енормно скапи репроматеријали што им ја покачуваат производната цена, со што тие се неконкурентни на увезената пченица“, велат од СДСМ, пренесе „Нова ТВ“. Исто така од СДСМ кажаа дека сведувањето на проблемот само на мелничарите, кои се исто така неконкурентни поради увозот на евтино брашно е обид на Владата да ја избегне сопствената одговорност. „Бараме Владата сериозно да го сфати проблемот со откупот на пченицата и брзо да реагира“, потенцираа од СДСМ.
Но, Владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев посочи дека Владата засега не планира да врши интервентен откуп на пченицата , туку остава на производителите и откупувачите сами да се договорат во врска со откупот на пченица.
Како што рече Ѓорѓиев, потребно е и производителите и откупувачите да ги исполнат своите договорени обврски.
„Во овој момент интервентен откуп од страна на Владата нема, но доколку има потреба ќе го направиме тоа“, изјави Ѓорѓиев.
Тој информираше дека досега од 60 до 65 отсто од вкупното производство на пченица е веќе откупено.
