СДСМ: Владата позајмува 50 милиони долари, за да ги троши на реклами и споменици
На денешната седница на Комисијата за финансирање и буџет, по скратена постапка Владата достави предлог на Закон за ново задолжување со дополнителни 50 милиони долари од Светската Банка, а во самото образложение во предлог Законот се признава дека средствата ќе се користат за буџетските потреби, изјави Марјанчо Николов, претседател на комисија за финансирање и буџет од СДСМ.
Според Николов, иако сите досегашни задолжувања, актуелната власт ги најавува како неопходни за инвестиции во инфраструктура и капитални објекти, суштински Владата не изградила инфраструктурен објект, ниту вложува во енергетиката, гасификацијата , туку речиси сите средства ги потроши за рекламни кампањи, барокни фасади, златни огради, прескапи врби и споменици, а згора на се и понатаму агресивно ги задолжува граѓаните.
„Имаме легитимно право да се сомневаме дека овие нови 50 милиони долари заем, ќе бидат злоупотребени во предизборни цели во пресрет на изборите во март. Нема да и биде прв пат на власта, со овие средства, комбинирано со закани и уцени преку државните институции да се обиде да ги корумпира гласачите“, обвини Николов.
Тој потсетим и дека во пресрет на претходните избори во 2011 година, Владата се задолжи за цели 220 милиони евра од ММФ со истото образложение за буџетски потреби.
Затоа, рече тој сакаме да ја информираме јавноста дека денеска пратеничката група на СДСМ поднесе преку 100 амандмани на овој нов предлог на Владата за задолжување со дополнителни 50 милиони долари, а во иднина за сите буџетски задолжувања со формулации „за буџетски потреби“, односно без јасна дефинирана намена и конкретна корист за граѓаните и стопанството, СДСМ ќе ги употреби сите средства истите да ги спречи.
Слично
