СДСМ: Владата денес може да го смени министерот Тодоров
Во текот на денешната Собраниска седница се очекува именување на новите министри согласно договорот од Пржино.
Од опозициската СДСМ неколку министри ќе седнат на министерски фотелји.
Од оваа партија порачаа дека денеска премиерот има можност да го смени министерот за здравство Никола Тодоров.
„Никола Груевски и Никола Тородов ги спасуваат тендерите и сомнителните зделки во здравството наместо пациентите и лекарите. По сите смртни и сомнителни случаи за време на министерувањето на Тодоров, поради се што им направи на лекарите и пациентите, граѓаните велат доста е“, велат од СДСМ.
Од партијата на Заев велат дека премиерот молчи за скандалите во здравството, набројувајќи ја низата смртни случаи кои се случија во земјава во изминатиов период.
„Според последни информации и денеска директори назначени од ВМРО-ДПМНЕ под притисоци на Тодоров влечат хирурзи во операциски сали. Млади хирурзи оперираат под стрес.Пациенти легнуваат под нож во стрес.Чекалните се полни со семејства под стрес Искусни хирурзи не оперираат“, истакнаа од СДСМ.
Имено според најновите информации Лекарскиот колегиум на клиниката за абдоменална хирургија одлучиле до крајот на неделава да нема операции освен итните случаи а нема да работат ниту амбулантите наредните два дена.
Одлуката доаѓа како резултат на револтот од инцидентот во кој хирург беше застрелан со пиштол од нервозен син на почината пациентка.
