СДСМ ветува дека ќе ја зголеми просечната плата и поддршка за домашните фирми
Во текот на синоќешната трибина во Охрид од Опозициската СДСМ презентирајќи ја програмата ветија подобар животен стандард на граѓаните и сигурна иднина за младите доколку новата Влада премине во нивни раце.
Како што соопшти заменик претседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска, целта на партијата на Заев е да се обнови економијата.
Тоа,како што вели Шекеринска би се направило со отворени нови работни места и зголемување на просечната плата на над 29 илјади денари.
Во однос на домашните мали и средни претпријатија од СДСМ во програмата велат дека ќе обезбедат 140 милиони евра поддршка со кои ќе се отворат нови работи места со повисоки плати.
Предвидуваат и 3 милијарди евра инвестиции за инфраструктурни проекти.
Шекеринска потенцираше дека во изминатиот период излезе вистината на виделина и се покажа дека оваа власт е злосторничко здружување коешто 10 години ги краде и лаже граѓаните и нивниот слободен глас.
Претседателката на комисијата за труд и социјална политика, Мила Царовска, рече дека една од клучните мерки во Програмата на СДСМ е правото на граѓаните на државна социјална пензија.
-Ќе воведеме државна социјална пензија за секое лице над 65 години старост кое во последните 20 години живеело во Македонија, а не ги остварува условите за старосна пензија, рече Царовска.
На крајот на трибината Шекеринска порача дека борбата за слобода, демократија и подобар живот на граѓаните продолжува.
