СДСМ: Уставен суд денес ја потврди неуставната одлука на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ
Со коментар за денешната одлука на Уставниот суд кој одлучи да ја поништи одлуката со која беше распуштено Собранието се јавија од партијата на Заев.
Од опозициската СДСМ велат дека со овој потег денеска се потврдило дека одлуките на Уставниот суд ги пишува Никола Груевски.
„Се потврди и она што СДСМ цело време го говори, дека едностраната одлука на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ за распуштање на Собранието со одложено дејство е неуставна.
Денешната одлука на Уставниот суд го потврдува хаосот во редовите на ВМРО-ДПМНЕ што се пренесува и на послушничките институции.
Пред три месеци, на 18 февруари Уставниот суд се прогласи за ненадлежен да одлучи за уставноста на одлуката за распуштање на Собранието со одложено дејство, а денеска пак донесе сосема спротивна одлука“, соопштуваат од опозицијата.
Додаваат дека „како што Груевски ги менува ставовите така се менуваат и ставовите на Уставниот суд“, потенцирајќи дека се додека незаконски дадените аболиции прозведуваат правно дејство и ја спречуваат правдата, земјата е во политичка, но и во уставна криза.
Инаку денеска сите девет судии го прифатија предлогот на пратеникот на ДУИ, Талат Џафери. Минатата среда беше поведена постапка и беше изразено сомневање дека одлуката за самораспуштање на Собранието е против уставна. Беше изречена времена мерка за стопирање на сите дејствија што произлегуваат од неа, а тоа се одлуката за распишување избори на 5 јуни и преземените изборни дејствија од Државната изборна комисија. Денешната одлука стапува на сила со објавувањето во Службен весник.
Собранието беше распуштено на 7 април.
