СДСМ тврди дека семејството на Иванов е поврзано со фирми на Панама
Портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов денеска на прес-конференција обвини дека семејството на претседателот, Ѓорге Иванов е поврзано со фирми на Панама.
Шилегов кажа дека братот на Маја Иванова, Сашо Тоневски има бизнис релации со фирмата ЛИП „Корп Панама Сити“ од Панама, која е основач и сопственик на фирмата „Делфино травел балканс“.
„Сашо Тоневски, братот на Маја Иванова, е исто така еден од сопствениците и управител на оваа фирма, „Делфино травелс Балканс“. Пред само неколку дена, или во време кога почна да се шири скандалот со перењето пари во панамски фирми, „Делфино травел Балканс“ згаснува и ја бришат од Централен регистар“ - рече Шилегов.
Од Кабинетот на Иванов ги демантираа тврдењата на СДСМ.
„Сметаме дека обидот преку лаги и манипулации да се претстави семејството на Претседателот Иванов како дел од криминална банда е крајно недолично и неодговорно однесување на една политичка партија. Ја повикуваме политичката партија СДСМ веднаш да го објави секој трансфер на пари преку таа фирма и да ги соопшти сите кои биле вклучени во било што на таа фирма, која патем е основана во Скопје и никогаш не проработела“- соопштуваат од кабинетот.
Од кабинетот велат дека во спротивно, Шилегов ќе мора своите тврдења да ги докаже на суд. Во реакцијата пишува дека фирмата „Делфино травел Балканс“ e основана во 2009 година во Скопје со сметка во ТТК Банка во Скопје, а е избршана од Централен регистер минатата година.
