СДСМ: Тодоров не може да го оправда срушениот здравствен систем
По интервјуто на министерот за здравство Никола Тодоров во кое тој зборува за здравствениот систем и реформи што се направени во него, опозијата се јави со реакција.
„Со нарачани интервјуа Никола Тодоров не може да го оправда хаосот во здравството. Поради тендер-криминалните политики на Никола Груевски и Никола Тодоров најслабата алка во општеството е здравството и срушениот здравствен систем во земјава. Лицемерно и дрско, Тодоров не ја спомена инсулинска криза во Македонија поради којашто здравјето им е загрозено на над 39.500 граѓани. Тодорв молчи и за најновата давачка во здравството, која ќе ги чини граѓаните дополнителни 250 денари за нова електронска здравствена картичка. Тодоров не го спомена ниту ветениот нов Клинички центар во Скопје, најавен пред повеќе од 2 години, кој никогаш не се реализираше“, реагира СДСМ.
Од партијата на Зоран Заев велат дека несовесно и крајно безобразно е токму Тодоров да зборува за било каква реформа во здравството.
Потсетуваат уште дека „Црната статистика за смртност на новороденчиња во Македонија покажува дека во земјава умираат повеќе од 14 бебиња на илјада новородени. Три пати повеќе новороденчиња умираат во Македонија од просекот на земјите од Балканот и ЕУ. Оваа негативна тенденција продолжува и во почетокот на оваа година. Во првите три месеци од годинава починале дури 61 новороденче“.
Најпомпезно најавуваната „реформа“, така наречениот „мој термин“ не само што не функционира и постојано откажува, туку им создаде дополнителни проблеми и на пациентите и на лекарите, тврдат од СДСМ.
Слично
