СДСМ: Работниците од охридски ЕМО нема да добијат надомест!
Многу работници од некогашниот гигант ЕМО Охрид нема да можат да го искористат правото на паричен надомест од 7.100 денари месечно, согласно новиот закон, заради несовесно и незаконско работење на раководната структура во фирмата во стечај, обвинуваат од општинската организација на СДСМ во Охрид.
„Во мај лани, пред да биде прогласен стечај во ЕМО „Дистрибутивни трансформатори“, член на одборот на директори, извршниот директор и управникот на „Производство“, им понудиле на голем дел од вработените да направат трансфер во „Производство“. На тие луѓе им било ветено дека ќе имаат редовна работа, плата и осигурување. Останатите вработени кои не го сториле тоа, биле оставени во друштвото што отиде во стечај. Работниците кои дале отказ, веќе 9 месеци, ниту виделе плата, ниту здравствен картон. Да е трагедијата поголема, тие ја изгубија можноста да станат стечајни работници и не можат сега да ги користат условите и можностите што ги дава новиот Закон за материјално обезбедување на невработените лица поради приватизацијата на претпријатијата со доминантна сопственост на државата“, пишува во соопштението.
Од СДСМ Охрид додаваат дека овие излажани работници ќе останат да фигурираат како вработени, без никаква можност за плата и без здравствена заштита.
Пријавувањето за искористување на правото на паричен надомест е во тек, а Владата не го објавува списокот на фирми чии работници ќе можат да го користат ова право.
Слично
