СДСМ: Срамота е Ставрески да се кити со туѓи перја
„Добро е што се намалуваат царините ама срамота е актуелната власт да се фали со нешто што е договорено од други влади, со години наназад. Тоа е одамна започнат процес, се случувал и досега и ќе продолжи да се случува без разлика која партија се наоѓа на власт“, се вели во писмената реакција од СДСМ, на денешната прес конференција на министерот Ставрески за намалувањето на царините.
„Јавноста треба да знае дека ова не е одлука на Груевски, уште помалку на Ставревски, а најмалку на Каргов. Намалувањето на царините се резултат на потпишаните договори на Владите на Република Македонија со ЕУ и со Светската трговска организација, со години наназад. Оттаму, веројатно економската ситуација во Македонија е до тој степен катастрофална, како резултат на погрешната, неодговорна и расипничка политика на Груевски и Ставревски па тие мораат да се фалат со туѓи заслуги. Од тие причини, наместо да се фали за нешто што не е одговорен Ставревски треба да каже зошто Македонија е во рецесија, индустриското производство паѓа цела година, а невработеноста се зголемува“ праша СДСМ.
Што објави Ставрески
Претходно Ставрески најави дека од нова година Владата ги укинува или намалува царинските стапки за репроматеријали за резервни автомобилски делови, полиетиленски фолии, алатни машини, железнички товарни вагони и автобуси, како директна поддршка на пет стопански гранки.
- Укинувањето на царинските стапки за тие стоки е во функција на подобрување на условите за стопанисување на домашните производители, развој на индустријата и поголем извоз на странските пазари, вели Министерот за финансии Зоран Ставрески.
Според Ставрески, бидејќи во Македонија работат индустриски капацитети коишто произведуваат автомобилски делови, како поддоговарачи на големите автомобилски компании и кои се извозно ориентирани, се укинува стапката од 15 проценти за облоги и плочки за кочници, фрикциони производи и други делови од нетемперирано леано железо.
Во металопеработувачката индустрија за над 105 производи, пред се алатни машини, се намалуават стапките кои досега изнесуваа 5 проценти и повеќе. Ќе има намалување на царините и за транспортниот сектор со цел обнова на возниот парк и намалување на трошоците на транспортните компании. Се намалуваат царините за автобусите и минибусите од прва категорија од 10 проценти на 5 проценти, а царините за автобусите и минибусите од втора категорија се намалуваат од 15 на 5 проценти. Царините за вагоните и цистерните пак, кои досега изнесуваа 4 проценти, сега се укинуваат.
Се укинува стапката што досега изнесуваше 6 проценти за фолии од полиетилен, што делумно се употребуваат во прехранбената индустрија и во графичката индустрија кај копир апаратите. Вкупно сите намалувања изнесуваат околу 30 милиони денари (480 илјади евра) на годишно ниво.
Р.Ф.
Слично
