СДСМ: Сомнителните 330 илјади гласачи го потврдуваат изборниот криминал!
Сомнителните 330.588 гласачи во избирачкиот список за опозициската СДСМ се доказ дека последните изборни процеси во земјава не биле регуларни.
Ова денеска на прес конференција го соопшти потпретседателот на СДСМ, Дамјан Манчевски.
Тој вели дека во земјава владее криминална банда без легитимитет којашто не само што ги крадела парите на граѓаните туку го украла и нивниот глас.
„Извештајот на ИТ експертската група со којшто се потврдуваат 330.588 сомнителни гласачи го усвоија сите девет члена на ДИК.
Методологијата за проверка на избирачкиот список беше донесена со консензус на сите партии и експертите и за неа гласаа сите девет члена на ДИК. Тоа е методологијата за која што во одреден временски период дури ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ не прозиваа да ја прифатиме. Сега не им е добра.
Откако излезе не виделина вистината за криминалниот избирачки список, методологијата што самите ја усвоија веќе не е добра за ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Во координација, овие две партии најпрвин ја отфрлија активната регистрација на гласачи. Потоа во координација се спротивставија на целосната теренска проверка. Сега имаат проблем и со делумната теренска проверка“, изјави Манчевски.
Тој вели дека ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ имаат интерес да скријат многу работи во избирачкиот список, образложувајќи дека согласно одлуката на ДИК, нема теренски да се проверуваат 124.079 лица кои најверојатно моментално не се во државата туку дека тоа се луѓе кои ги има во базата на податоци на МВР, но ги нема во ниту една друга база на податоци во последните осум месеци.
Од СДСМ побараа ДИК да излезе во јавноста и да објасни како ќе ги провери овие граѓани.
