СДСМ со тужба до Управен суд ја оспорува одлуката за формирање на Комисија за импичмент
Пратеничката група на СДСМ, при формирањето на Комисијата за одговороност на Иванов, со писмен поднесок, побара Трајко Велјаноски да обезбеди спроведување на Деловникот на Собранието. Согласно неговата деловничка и законска обврска да се грижи за примена на Деловникот, но како што соопшти пратеничката Рената Дескоска реакцијата изостанала а Велјановски не обезбедил спроведување на Деловникот на Собранието.
Токму поради тоа што Велјановски не преземал ништо за заштита на Деловникот на Собранието, партијата на Заев денеска поднесе тужба до Управниот суд.
„Со тужбата се оспорува одлуката за формирање на Комисија за импичмент заради тоа што истата е спротивна на член 206 став 2 од Деловникот на Собранието на Република Македонија.
Одредбата од членот 206 став 2 од Деловникот предвидува: Комисијата за импичмент има претседател и десет члена кои, на предлог на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, ги избира Собранието, при што се обезбедува соодветна застапеност од пратеничките групи и пратеници кои не се организирани во пратенички групи.
Ѓорге Иванов прекрши Закон и Устав за да ги помилува функционерите од ВМРО-ДПМНЕ. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ кршат Деловник за да го помилуваат Ѓорге Иванов“, изјави Дескоска.
Сега судиите на Управниот суд ја имаат одговорноста дали ќе продолжат да бидат извршители на наредбите на Груевски или си ја вршат функцијата заради која се избрани – да го спроведуваат правото и да придонесат за враќање на правната држава во Република Македонија, додаде пратеничката.
