СДСМ со осуда за упадот на обезбедувањето на Груевски во ТВ21
Опозициската СДСМ со осуда за упадот во телевизија 21 од страна на обезбедувањето на Никола Груевски и барање одговорност за нарачателите и извршителите на овој чин.
„Овој вандалски чин е уште една потврда до кој степен е загрозена слободата на известување и изразување во Македонија, покажува колку е урнисана демократијата во земјава.
Никола Груевски и неговите соработници најмногу се плашат од вистината и бегаат од граѓаните и реалноста“, реагира партијата на Заев.
Откако вчера се случи инцидент во телевизијата 21, кога лица од обезбедувањето на поранешниот премиер натераа новинар да брише снимки, со реакции се јави и новинарското здружение ЗНМ.
„Прво сакам да го осудам овој кукавички акт на обезбедувањето на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски. Ова го сметам за кукавички акт само затоа што во недемократска земја обезбедувањето на поранешниот премиер демонстрира сила против медиумите. Сакам да го потсетам господинот Груевски дека во Македонија слободата на изразувањето е гарантирана. Тој е јавна личност и на јавно место, новинарите имаат право него да го снимаат“, рече Насер Селмани од ЗНМ.
Од МАН молк по повод овој инцидент.
Се очекува денеска МВР да излезе со официјална инфорнмација за тоа што се случило, и што ги потикнало полицајците да влезат во тв21.
