Економија, финансии, бизнис

Контакт

СДСМ со нови мерки за подобар животен стандард, од Владата ги оценуваат како несериозни

СДСМ со нови мерки за подобар животен стандард, од Владата ги оценуваат како несериозни
СДСМ понуди нови предлози за подобрување на животниот стандард, а како дел од програмата за враќање на средната класа. Во петте понудени мерки предвидуваат можност за докуп на стажот и воведување на државна социјална пензија, заминување во пензија со 35 години стаж за жени и 40 години за мажи, најавија новини во однос на определувањето на висината на пензијата, раст на социјалната помош за 40% и нов закон за правата на лица со посебни потреби. Според претседателот на партијата Зоран Заев, СДСМ нуди предлог мерки и решенија за подобрување на животниот стандард и на социјално загрозените граѓани, сиромашните и останатите ранливи групи. „ За граѓаните коишто нема да извршат докуп на стаж и не се корисници на каква било парична помош од државата, владата на СДСМ ќе воведе државна социјална пензија. На почетокот таа ќе биде во висина од 40% од просечната старосна пензија. Во соработка со здруженијата на пензионерите, владата на СДСМ ќе воведе „пензионерска потрошувачка кошничка“, која ќе служи како основа за следење на трошоците на животот на пензионерите. Тоа е исто така поволно за пензионерите, бидејќи пензиите ќе се усогласуваат со промена на цените на оние стоки и услуги што самите пензионери ќе ги оценат како најважни за нивната потрошувачка“, објасни Заев за дел од мерките. Според претседателот на партијата Зоран Заев,додека граѓаните едвај преживуваат, во изминатите неколку години во Македонија се создаде исклучително богата партиска олигархија блиска до владејачката ВМРО-ДПМНЕНад 30 проценти од граѓаните во нашата земја денес живеат во тешка сиромаштија. Најбогатите 20% од граѓаните во Македонија располагаат со доход колку и сите останати 80% од граѓаните, потсети тој на денешната прес-конференција. „Свесни сме дека спроведувањето на овие мерки ќе претставува дополнително оптоварување на буџетот, но нашата основна цел е враќање на средната класа во државата“, истакна лидерот на СДСМ. Реакција на Ставрески, одговор од СДСМ Како реакција на предложените мерки, министерот за финансии Зоран Ставрески попладнево, со бројки и детали ги отфрли сите предлози на СДСМ од социјалната сфера. Ги нарече несериозни и направени без анализи и план за финансирање. „Социјалните мерки што денеска ги презентира Заев се уште една од серијалот брзо склопени предлози и пресметки без главните параметри. СДСМ уште еднаш покажа елементарно непознавање и отсуство на сериозен, аналитички пристап. Она што го предлага е веќе прочитана книга и нешто што ВМРО-ДПМНЕ реално го спроведува изминативе години“, истакна Ставрески. Според него, заминувањето во пензија со 35 години стаж за жени и 40 години за мажи е сосема погрешен модел што е одамна напуштен и го нема во ниту една од европските земји. Тој се пофали дека оваа Влада ги зголеми пензиите, намали цените на лековите и обезбеди бесплатен градски превоз, но и бања за пензионерите со ниски пензии. Од СДСМ пак вратија дека не и се обраќаат на Владата, туку на граѓаните и го повикаа Ставрески и Владата, на ТВ дуели. „Се останато е знак на страв од дебата во недостиг на аргументи“, реагираат од најголемата опозициска партија.
Слично

Поврзани вести