СДСМ со кривична пријава против Талески
Денеска СДСМ до Основното Јавно Обвинителство во Битола поднесе Kривична пријава против градоначалникот на Општина Битола, Владимир Талески и Н.Н. сторител.
Кривичната пријава произлегува од конечниот Извештај на Државниот завод за ревизија за работата на Општина Битола за 2011 година.
„При контролата, државниот ревизор утврдил низа неправилности и незаконско постапување на пријавените. Со противзаконското трошење парични средства од Буџетот на Општина Битола, направена е вкупна штета по сите точки од кривичната пријава од 15.299.000,00 денари.
Станува збор за исплата на средства без донесување годишен план и програми, исплата на надоместоци и средства спротивно од Законот за државни службеници и Законот за локална самоуправа... Има и други незаконитости“, се вели меѓу другото во соопштението на опозицијата.
Тие очекуваат Обвинителството да преземе активности согласно неговите должности утврдени со закон.
„Извештајот на Ревизорот за незаконско работење на Талески е уште една потврда на она што ние постојано го говоревме за огромните задолжувања и неразумните трошења на народните пари од страна на Владимир Талески, а тоа го потврдија и снимките во рамки на проектот Вистината за Македонија. Ако се сеќавате, лично негови сопартијци, министри го нарекоа “криминалец“, истакнуваат од СДСМ.
Имено денеска, до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ќе биде поднесена Кривична пријава. Во 13.45 часот изјава за медиуми ќе даде Петре Шилегов, портпарол на СДСМ.
