СДСМ слави 24 години, Заев со честитка за роденденот
Лидерот на опозициската СДСМ по повод роденденот на оваа политичка партија упати честитка. Ви ја пренесуваме во целост:
„Социјалдемократскиот сојуз покажа зрелост во сите клучни моменти за државата.
СДСМ, како одговорна партија успешно одговори на сите предизвици: од осамостојувањето на земјата и формирањето на институциите, преку меѓународното етаблирање на земјата, премостувањето на воениот конфликт, до трасирањето на патот на Македонија кон Европската Унија и НАТО.
Денес, на 24-от роденден, СДСМ е исправена повторно пред еден од најголемите предизвици од независна Македонија - враќање на сите срушени вредности од страна на 9-годишната расипничка и узурпаторска власт.
Денеска, во чест на роденденот на СДСМ ја испраќам силно пораката, дека СДСМ ќе ги врати демократијата и слободата во државата!
Храбро и одважно, со проектот Вистината за Македонија застанавме на браникот на заштитата на човековите и државните вредности. Порачувам дека нашата посветена работа продолжува и нема да застанеме додека не им ги вратиме на граѓаните и на Македонија!
Со гордост го честитам роденденот на Социјалдемократскиот сојуз и ве повикувам вас граѓаните да се приклучите во историската битка што ја поведовме, за достоинствени граѓани на достоинствена, демократска и европска Република Македонија.“, стои во честитката на опозицискиот лидер Зоран Заев.
