СДСМ: Шиповиќ се пожалил дека мора да гласа за урбанистичките планови за да остане на слобода!
Претседавачот со Советот на општина Центар Мирослав Шиповиќ ги известил своите сопартијци од СДСМ дека мора да гласа за новите урбанистички планови, што ќе се најдат пред советниците утре, за да се заштити и да остане на слобода, тврди портпаролот на СДСМ Петре Шилегов.
Според него, на синоќешниот состанок на врвот на СДСМ со советниците од Центар Шиповиќ признал дека се наоѓа под невидени притисоци да ги гласа спорните измени.
„Целта на ВМРО-ДПМНЕ со овие планови се исклучиво бизнис интереси со коишто се додаваат 420.000 м2. Од тие бизниси, кај фирми блиски до ВМРО-ДПМНЕ, според пазарните проценки ќе завршат околу 630 милиони евра! Плановите не се согласно генералниот урбанистички план за Скопје. Со нив се предвидува, дополнително уништување на Водно и замислете изградба на 10-катница на Водно! Свлечиштата на Водно веќе почнаа да се спуштаат над куќите. Кој ќе понесе одговорност, ако не дај Боже, настрадаат деца? Кој ќе понесе одговорност што не се слушаат советите на сеизмолозите?“, праша Шилегов.
И градоначалникот на Центар Андреј Жерновски денеска ги повика советниците да не ги поддржуваат урбанистичките планови заради безбедноста на граѓаните.
„Главен интерес за промените во деталниот урбанистички план Тасино Чешмиче е хотелот Панорама, маркица за изградба на десеткатен хотел. Во 2009 година за таму имаше дозвола за градба за само еден кат, во 2010 година имаме четири ката, а сега советниците на ВМРО – ДПМНЕ бараат маркица за П+9+Пк - 10-катница која ќе никне на падините на Водно“, вели Жерновски.
Тој потсети и на извештајот на Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС) во кој уште во 2008 година за парцелата од само еден кат било констатирано дека го нема потребниот фактор на стабилност во однос на сеизмичките услови и неповолните влијанија.
Слично
