Економија, финансии, бизнис

Контакт

СДСМ се залага за експанзија на извозот, ВМРО-ДПМНЕ вели – нè копираат

СДСМ се залага за експанзија на извозот, ВМРО-ДПМНЕ вели – нè копираат
Побрзиот развој на бизнис секторот во Македонија треба да се темели пред се врз индустриска политика која ќе создава пораст на извозот, смета Социјалдемократскиот сојуз. Според потпретседателот на СДСМ Ванчо Узунов, зголемувањето на извозот треба да претставува „локомотива“ која ќе ги влече сите „вагони“ на македонската економија. „За пораст на извозот неопходно е да се подобри извозната конкурентна способност на македонските фирми. За таа цел СДСМ, идниот економски развој на Македонија ќе го базира на една рамка од повеќе мерки и проекти. Целината на рамката е претставена на слајдот, а подетално ќе претставиме само неколку нивни делови: - Создавање на реални можности за инвестирање и на домашни фирми во Технолошко-индустриските развојни зони (ТИРЗ) со користење на истите поволности како и странските инвеститори. Таквата изедначеност сега е само формална и постои само на хартија. - Целосно ослободување од данок на добивка за фирмите кои остваруваат пораст на својот извоз за над 20% во однос на просекот од претходните 3 години. - Субвенционирање на каматата на кредитите за фирмите кај кои вредноста на извозот е за 50% повисока од вредноста на нивниот увоз. - Подобрување на граничните премини за елиминирање на времето на чекање. Да се спроведуваше ваква индустриска политика Македонија денес ќе беше подобро место за живеење за сите“, рече Узунов. ВМРО-ДПМНЕ реагираше со соопштение, обвинувајќи дека СДСМ покажува се поголема безидејност и оти ги копира нивните мерки. „Со измените на Законот за данок за добивка што ги направи Владата на ВМРО-ДПМНЕ сите фирми се ослободени од плаќање данок на добивка, доколку ја реинвестираат. Многу поширока група на фирми е опфатена со тековниот закон од она што го предлага СДСМ, односно според она што тие го предлагаат на многу фирми ќе треба да им се укине тековната бенефиција“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ. Владата на ВМРО-ДПМНЕ, како што се наведува, обезбеди 350 милиони евра субвенционирани кредити за помош на фирмите за справување со кризата, за сите фирми, а не само за извозно ориентираните. Од ВМРО-ДПМНЕ потсетуваат дека од 2007 до 2013 во Македонија влегле вкупно 1.871 милиони евра странски директни инвестиции што е двојно повеќе од износот на овие инвестиции во времето на Владата на СДСМ. „Болката на СДСМ е што невработеноста е намалена од 38 отсто во нивно време на 28 отсто во време на ВМРО-ДПМНЕ, што имаме најдобри економски резултати во Европа по повеќе параметри. Болката им е што народот тоа го гледа и цени и што ќе ги изгубат и овие избори“, стои во реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ.
Слично

Поврзани вести