СДСМ се пожали на изборни нерегуларности
Опозициската СДСМ презентираше фотографии и материјали за кои вели дека докажуваат оти денешниот изборен ден поминал со серија изборни нерегуларности.
Уште пред да заврши изборниот ден, на вонредна пресконференција Маринела Маричиќ-Тушева од СДСМ, изнесе тврдења за бројни злоупотреби на повеќе гласачки места. Неправилности биле регистрирани и при гласањето на дијаспората, на болните и немоќните лица вчера, а во македонската амбасада во Рим морала да интервенира и италијанската полиција.
„Во текот на вчерашниот ден, за време на гласањето на дијаспората, забележани се случаи на бугарски воз на избирачкото место 5017 во Рим. На член на избирачкиот одбор таму, не му било дозволено да ги внесе неправилностите во Дневникот за евиденција и во Записникот, поради што тој не го потпишал Записникот. Неправилностите на ова избирачко место кулминирале со интервенција на италијанската полиција“, изјави Маричиќ-Тушева.
Таа додаде дека во текот на вчерашниот ден, Сашо Стефаноски (државен секретар во Министерство за одбрана) и Емил Димитриев (генерален секретар и заменик министер), ги објавиле резултатите од гласање на дијаспората, што е спротивно на одредби на Изборниот Законик.
„При гласањето на болните лица, во повеќе случаи прекршена е тајноста на гласањето. Во затворот Идризово вршени се притисоци врз затворениците да гласаат за ВМРО ДПМНЕ. Во геријатриските установи, болните се уценувани и им е вршен притисок да гласаат за ВМРО-ДПМНЕ, под закана дека ќе им биде ускратено правото на престој. Во овие случаи направени се повреди на членот 160 од Кривичниот законик, којшто содржи гаранции за слободата на определување на избирачите.Во текот на вчерашниот ден прекршен е и предизборниот молк во повеќе општини во Македонија, како што се Кисела Вода, Аеродром, Куманово, Гостивар, Богданци, Крива Паланка“, обвинуваат од СДСМ.
Од опозициската партија велат дека и во текот на денешниот ден ресгистрирале бројни неправилности и заплашувања за гласање.
„Забележани се случаи на евидентирање на лицата кои гласале од страна на активисти на ВМРО-ДПМНЕ, кои со списоци стојат пред избирачките места, гласно читање на имињата на гласачите и нивно евидентирање од страна на контролорите на ВМРО-ДПМНЕ. Вакви случаи се видливи низ цела Македонија, а во моментов располагаме со снимки и фотографии од Радовиш, Штип, Кавадарци и Струга“, вели Маричиќ-Тушева.
Слично
