СДСМ се повлекува од Собранието додека Уставен не се изјасни за СЈО
Лидерот на СДСМ, Зоран Заев денеска соопшти дека партијата времено се повлекува од работата на Парламентот додека Уставниот суд не се изјасни за уставноста на СЈО.
Заев вели дека избори се можни на есен. Според него, Уставниот суд веднаш треба да се изјасни по иницијативата, затоа што смета дека е недозволиво повеќе од 8 месеци да трае постапката и правдата да се држи во заточеништво.
„Сакам да биде јасно, СДСМ и коалицијата не го напуштаат Парламентот. Ние времено ја замрзнуваме нашата работа и активност во заседанијата на Парламентот, пленумот и комисиите. Не го посакуваме тоа. Ова е само еден добронамерен чекор, без да биде никако поинаку сфатен, како апел до Уставниот суд да се свика и да донесе одлука за уставноста на Специјалното јавно обвинителство. Не ја прејудицираме таа одлука. Бараме да одлучува по таа иницијатива, заради тоа што неодлучувањето останува надвиснат меч над главата на СЈО, а сите се согласуваме дека претставува трошка надеж за враќање на правото, владеење на правото, правната држава и можноста законот да важи подеднакво за секој граѓанин на Република Македонија“- изјави Заев.
Вчерашниот говор на претседателот, Ѓорѓе Иванов Заев го оцени како срамен. Додава дека доказите кои наводно ги добил од разузнавачи за граѓанска војна треба јавно да ги објави или во спротивно да си даде оставка.
