СДСМ: Санкциите од ЕУ најмногу ќе ги почувстуваат граѓаните
Од СДСМ велат дека вчерашната одлука на Европската комисија за суспендирање на финансиската помош за Македонија од 27 милиони евра, ќе биде на товар на граѓаните.
Од СДСМ објаснуваат дека постојано алармирале дека средствата од ИПА-фондовите власта не ги искористува во соодветните сфери, и нивното суспендирање сметаат дека е резултат на лошите политики на власта.
„Тоа што Европската унија реши да и скрати дел од средствата од ИПА на Македонија, е лоша вест, а виновникот за тоа Европската комисија точно го адресираше, односно одговорноста точно ја лоцираше во неспособноста и немањето капацитет на владата за спроведување реформи за коишто постојано повикува и алармира ЕК, преку меѓународни извештаи направени со скенирање на состојбите во Македонија“ - изјави Љупчо Николовски од СДСМ.
Потенцира дека санкциите од ЕУ, поради криминалните политики на власта, најмногу ќе ги почувстуваат граѓаните на Македонија.
