СДСМ: Само целосно поништување на аболицијата е решение на кризата
Опозициската СДСМ реагира на денешната одлука на претседателот Иванов и вели дека претседателот само ја продлабочи кризата.
Од партијата на Заев велат дека само со целосно поништување на аболицијата ќе се реши кризата.
„Со денешната одлука Иванов уште еднаш го прекрши а Уставот на Република Македонија, што дополнително ја продлабочува и онака длабоката политичка криза во земјава. Аболицијата мора целосно да се поништи и законот да важи подеднакво за сите.
Тоа единствено е возможно преку гласање за автентичното толкување на Законот за помилување во Парламентот, со поддршка на сите партии“, велат од СДСМ .
Додаваат дека само ан тој начин Иванов и Груевски ќе покажат дека се за владеење на правото, почитување на Уставот и законите во Република Македонија и само на тој начин може да дадат придонес кон разрешување на кризата.
„Денеска, Ѓорге Иванов повторно реши да ја следи нарачаната, добро осмислена тактика на криминалната власт, предводена од Никола Груевски. Иако можеше да ги поништи сите аболиции, што по нарачка на Груевски ги донесе, тој смислено не го направи тоа.
Јасно е. Иванов им направи услуга на политичарите од ВМРО-ДПМНЕ коишто не сакаат да се поништи аболицијата за нив. Им отвори Иванов пат да не мора да побараат укинување на аболицијата а сепак правна, вистинска, фактичка разврска да нема поради неуставноста на одлуката“, стои во опозициското соопштение, дополнувајќи дека само со целосното поништување на аболицијата ќе значи дека законот е подеднаков за сите.
