СДСМ: Решенијата за стечајците се предизборна манипулација!
Валкана кампања е на два дена пред претседателски избори и во текот на кампањата за парламентарните да се делат решенија за надомест за стечајните работници, сметаат од опозицискиот СДСМ. Според опозицијата се работи за „очајнички потег на Владата, која како давеник се фаќа за сламка“.
„Се обидуваат да купат гласови. Во Македонија има девет илјади стечајци и решаваат да делат решенија само за време на избори. Тоа не го решава проблемот, само дополнително ги понижуваат овие граѓани“, рече Оливер Спасовски, шеф на Изборниот штаб на СДСМ.
Од СДСМ доставиле повеќе претставки до Државната изборна комисија и до Антикорупциската комисија за изборни прекршувања и очекуваат институциите да се погрижат за фер изборен процес. Претставките се однесуваат за недоследности во Избирачкиот список, но и за злоупотреба на предизборните анкети за испитување на јавното мислење.
Агенцијата за вработување денеска со СМС пораки повика одреден број стечајци за да им издаде решение за паричен надомест до следно вработување или до пензионирање. Според институциите, нема злоупотреба, а решенијата биле издадени денеска за стечајците да имаат можност и да вложат евентуална жалба пред да започне планираната исплата на средствата.
Слично
