СДСМ: Редуцирани се возови кон повеќе градови
Од СДСМ реагираат дека се редуцирани железнички линии и дека се намалува бројот на патници во возовите.
Укинати се возови кон повеќе градови, тврдат од СДСМ.
Обвинуваат дека се укинати возовите на релација Скопје-Кичево-Скопје, Скопје-Кочани-Скопје и Скопје-Гевгелија-Скопје, само три месеци од помпезната најава во јуни за нивно пуштање во сообраќај.
Превозот на стока со воз е намален за над 50%, рече денеска Благој Бочварски, претседател на Комисијата за транспорт и врски на СДСМ.
„1.500.000 патници се превезувале со воз до 2008 година. Бројката е преполовена на 800.000 патници. 3.800.000 тони стока се транспортирале со воз до 2006. Бројката е повеќе од преполовена, на 1.500.000 тони. Ова се фактите за неодговорните политики на власта на Груевски на штета на граѓаните и на бизнисите. Логично е граѓаните да не се возат со воз кога јавното претпријатие Македонски железници - Транспорт управувано од кадри на актуелната власт укинува патнички возови“ - вели тој.
Ова редуцирање на возови кон повеќе градови низ земјава следува после историското укинување редовни меѓународни линии, за прв пат по 143 години, додава Бочварски.
