СДСМ: Провидните сценарија на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ не поминуваат кај граѓаните
По повод денешниот инцидент во кој беше претепан лидерот на Светскиот македонски конгрес Тодор Петров од опозицијата со осудување велат дека лажниот патриотизам на ВМРО-ДПМНЕ е на штета на државата.
„Соочени со целосно загубена доверба од граѓаните, во страв од одговорност за криминалот и корупција во изминатите 10 години, ВМРО-ДПМНЕ сака да создава тензии и да провоцира инциденти.
Самиот факт што поставувачи на објектите се градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, двете коалициски партии коишто со години се во власта, кажува кои се организаторите на инцидентите.
Со ваквиот неодговорен однос, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ прават штета на Република Македонија.
ВМРО-ДПМНЕ ги потценува граѓаните на Република Македонија. Не поминуваат провидни сценарија.
Граѓаните се обединети во борбата против корупцијата, криминалот, обединети се во желбата за промени, за враќање на слободата, демократијата и европските вредности во Република Македонија“, стои во реакцијата на СДСМ.
Според пишувањата на дел од медиумите Петров го претепале Бекир Асани кој е член на ДУИ и неколкумина негови пријатели денеска околу 12.30 часот. Веднаш после инцидентот, Петров бил пренесен на лекување во скопските клиники каде што му е констатиран потрес на мозокот и телесни повреди.
