Економија, финансии, бизнис

Контакт

СДСМ прослави во единство, но може ли Филипче да го врати идентитетот на опозицијата?

СДСМ прослави во единство, но може ли Филипче да го врати идентитетот на опозицијата?

СДСМ во единство ја прослави 35-годишнината од нејзиното формирање и активирање на политичката сцена во Македонија, во кои години има оставено траен белег врз државните и историските процеси, но тоа славеничко расположение прашање е колку долго ќе се одржи и дали лидерот Венко Филипче може да го врати идентитетот на социјалдемократите како државотворна партија, а не политички субјект кој е на работ на релеватноста.

Единствено доцното појавување на поранешниот лидер и премиер Зоран Заев на крајот на прославата на СДСМ беше искористено од владејачката ВМРО-ДПМНЕ за напад дека партијата и натаму е во негова сенка и дека новото раководство на Филипче не успеало да се дистанцира од „заевизмот“.

Сепак, тоа е најмал проблем за социјалдемократите, поважно е дали партијата одвнатре ќе издржи на постојаните поделби и најави за формирање на паралелни структури, но и да се постави јасно како главна опозициска партија со прецизен политички и идеолошки наратив кој ќе биде антипод на ВМРО-ДПМНЕ, а не негова индиго копија.

Кавги со сопартијци, лов на вештерки во регионот

СДСМ има неверојатна криза на комуницирање со јавноста и политичките актери. Како никогаш досега СДСМ испраќа соопштенија кои се полни со низок степен на политичка култура, во кои ад-хоминем врши напади врз сопартијци, политичари и новинари, а често ги „меша лончињата“.

Некогаш од соопштенијата на СДСМ се добива впечаток дека се работи за партија која е опозиција на Александар Вучиќ во Србија. Исто така СДСМ беше егзалтирана по „падот“ на Виктор Орбан во Унгарија, несомнено политичкиот ментор и сојузник на домашното ВМРО-ДПМНЕ, но несфатливо е левичарска партија да се радува толку многу за победа на уште еден десничар и конзервативец, излезен токму од шинелот на ФИДЕС.

Теоретски СДСМ се надева дека по „падот на Будимпешта и Белград“ ќе следи бран на промени во регионот, вклучувајќи ја и домашната политичка сцена и дека на тој начин ќе биде поразено и ВМРО-ДПМНЕ, но тоа нема да се постигне со неразбирливи пораки освен за тие кои можеби одат на „викенд протести“ во соседна Србија или на протестната парада во Унгарија пред изборната победа на ТИСА.

Програма и идеологија, а не хранење лични суети

СДСМ исто така градеше имиџ на партија која се залага за медиумски слободи, за како никогаш досега да врши притисок врз медиумите кои се идеолошки спротивни, особено по тужбата за раководство на ТВ Алфа.

Опозиција која бега од медиумски соочувања и одбива гостувања во „непријателска“ средина каде ќе биде соочена со контра-наративи не треба да се жали за недостиг на поволен медиусмки простор, туку треба да го дигне „гардот“ и да влезе во политичката арена, бидејќи има и други предизвикувачи кои веднаш би се нафатиле на предизвикот.

Единствено светло во опозицискиот тунел е тоа што веќе се надмина дебатата за персонални решенија во највисоките партиски органи. Јавноста може одреден период да се занимава со тоа дали „Петко или Станко“ добиле некаква партиска функција или не.

Откако ќе стивне чаршијата многу поважно е да се разговара за програмските определби, опонирање на власта со конкретни политики наместо гол популизам и празни зборови и јасно дефинирање на партискиот идеолошки идентитет.  

СДСМ како партија која ги застапува либералните вредности и се заложува за социјална еднаквост, со почит кон историско-материјалните околности кои го формирале нејзиното наследство, мора да го препознае општествениот контекст и да докаже дека е вистинска опозиција, а не спотер на власта.

Х.С. 

Слично

Поврзани вести