СДСМ предлага цената во водата да се намали за 30%
На денешната седница на советот ќе биде разгледана иницијатива со која опозициската СДСМ предлага да се намали за 30% цената на водата.
Тие предлагаат цената да изнесува 20,57 денари за домаќинства и 46,06 денари за правни субјекти.
„Предлогот се базира на фактот дека градот Скопје претрпува големи загуби со ненаплатувањето на водата која ја користи Рудници и железарница АД – Скопје. Ова не го тврдиме само ние. Ова го потврдува и Државниот инспекторат за животна средина. Согласно Решението на инспекторатот, на Железарница и се забранува да врши испорака, да дистрибуира и испушта вода. Исто така, Железарница се задолжува да зафати вода од река или бунар за сопствените потреби. Согласно ова, градот Скопје е должен на Железарница да и наплатува вода како и на секој друг правен субјект. Само со ненаплатувањето на водата на Железарница по редовната цена за правни субјекти, ЈП трпи загуби од минимум 10 милиони евра годишно“, изјави советникот од партијата на Заев, Драги Давчевски.
Тој покажа и документ со кој вели дека и ДКИ констатира дека ЈП Водовод и канализација е единствен легитимен субјект за управување со водоснабдителниот систем на градот.
„Ако се земе во предвид дека ЈП Водовод и канализација има пари да гради луксузен барокен административен објект од 11 милиони евра, нашата иницијатива има сериозна економска логика“, велат од СДСМ.
Истакнаа дека е во интерес на граѓаните Советот да гласа за оваа одлука и побараа таткото на градот да а престане да се фокусира на раскошот и луксузот и наместо тоа приоритет да му бидат граѓаните на Скопје.
