СДСМ предлага наместо поскап билет за ЈСП субвенција за сите во зимските месеци
Поради енормното и алармантно загадување на воздухот во градови ширум земјава, од опозициската СДСМ денеска предложија конкретни мерки за справување со загадувањето.
Од партијата на Заев бараат итно спроведување на мерките кои ги предложија.
Велат наместо власта да го покалува билетот за јавниот превоз да воведе субвенција која ќе важи за сите во зимските месеци, бараат стратегија за за вклучување на поголем број домаќинства на системите на централно греење во сите поголеми градови, каде загаденоста е на високо ниво, и тоа да биде субвенционирано од страна на Владата, предлагаат грантови за инсталирани соларни панели (а не за ќумбиња на пелети), грантови за изолација на објекти и инсталација на енергетски ефикасни апарати.
Исто така од СДСМ предлагаат наместо тајно и преку ноќ да се атакува на последните дрвја што се обидуваат да ни дадат малку кислород, градот Скопје итно да забрани сеча на постојните дрва и да започне со санирање на сите уништени зелени површини, инспекторите за животна средина да ги посетат сите субјекти кои вршат промена на масло на возилата за да проверат како се постапува со искористеното масло, дали соодветно се складира и предава или се користи за греење.
Со еден предлог тие бараат Владата итно да предложи, а Собранието да изгласа одлука за прераспределба на средства меѓу буџетските корисници на централната власт и меѓу фондовите на Буџетот, со која тројно ќе се зголемат средствата во Министерството за животна средина и просторно планирање во делот на заштита на животната средина.
Од СДСМ посочуваат на големата смртност од загаден воздух во земјава при што бараат итна и неодложена реакција а не долги дискусии за тоа која лабораторијата ќе вршела испитување на хемискиот состав на ПМ10 честичките.
Во Македонија има 1.350 смртни случаи поради загаден воздух а Владата на премиерот во замиување, Никола Груевски, наместо да понудат конкретни решенија на своите седници носи банални заклучоци, префрлајќи ја топката од едно министерство на друго.
