СДСМ предлага: Наместо казни за граѓаните – субвенции за енергетски објекти
Опозицијата бара укинување на казните за граѓаните што ги воведува Владата на ВМРО-ДПМНЕ во градежништвото, преку предлог измените во Законот за градење.
-Власта на Никола Груевски воведува глоби до 3.000 евра за граѓаните, доколку по извршена значителна реконструкција на некој објект не обезбедат сертификат за енергетски карактеристики.Бараме глобите да бидат укинати, а државата да ги превземе трошоците за овој сертификат кој го бара од граѓаните“, изјави на денешната прес конференција Благој Бочварски.
Наместо продолжување на праксата од драконски казни за граѓаните, СДСМ предлага конкретна мерка за субвенционирање на секој граѓанин кој ќе реши енергетски да го изолира својот објект.
-Субвенционирањето се однесува на директна финансиска помош од Буџетот на Република Македонија која ќе изнесува 20% од вкупната инвестиција на граѓаните.
На пример, доколку инвестицијата за објектот изнесува 10 илјади евра, 2 илјади евра се враќаат назад кај граѓаните.
Мерката за субвенционирање би се однесувала за новите станбени објекти, но и за постоечките објекти, кои немаат енергетска заштита, потенцира Бочварски.
За подобрување на енергетската ефикасност СДСМ предлага државата да одобри субвенционирање на граѓаните за:
1. Изолација на плафонот или таванот на највисокиот кат од објектот; 2. Поставување на надворешна топлинска изолација; 3. Замена на прозорците и 4. Изолација на плафонот на подрумот.
На овој начин се добива до 70% заштеда на енергија во објектите, рече Бочварски.
Според опозиција вака граѓаните ќе плаќаат три пати помали сметки за струја, но и помали сметки за парно и ќе се намали увозот на струја, ќе се заштедат многу пари, а ќе се намали и загадувањето на воздухот.
