СДСМ предлага други проекти наместо фонтаната на плоштадот ВМРО
Водовод во населбата Шуто Оризари и секојдневен бесплатен превоз во ЈСП за студентите - овие проекти можат да се реализираат наместо фонтаната и уредувањето на просторот пред партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ, смета опозицијата.
Според опозициската партија, уредувањето на новиот плоштад ќе чини најмалку 1,37 милиони евра, кои ќе бидат залудно фрлени пари.
„Советничката група на СДСМ и опозицијата најостро се спротивставува на ова расфрлање за раскош и луксуз на Коце Трајановски. Наместо за плоштад од 1 милион и 377 илјади евра предлагаме парите од буџетот на градот да се потрошат на изградба на водовод во населбата Шуто Оризари и воведување на секојдневен бесплатен јавен превоз за студентите Недозволиво е дел од граѓаните на Скопје да немаат пристап до чиста и здрава вода за пиење, а да се трошат 1 милион и 377 илјади евра за уредување на просторот пред партиското седиште на Никола Груевски“, изјави координаторот на советничката група на СДСМ во Советот на Град Скопје Дамјан Манчевски.
Тој притоа посочи дека Градот се расфрла на луксуз, споменици, фонтани и плоштади и тоа во момент кога Скопје се гуши во загаден воздух, а ргадоначалникот Коце Трајановски ги задолжува граѓаните со кредит за зградата на ЈП Водовод и тврди дека нема пари за бесплатен превоз на студентите.
Слично
