СДСМ: Полицијата се обидуваше да скрие што се случува во Ѓорче вчера
За време на вчерашните протести во Ѓорче Петров, полицијата „под наредба на насилната власт на Никола Груевски, го тепаше својот народ“, тврди опозицискиот СДСМ.
Од опозициската партија велат дека ударите на пендраците не поштедиле ни жени, ни деца, а некои родители сеуште незнаат зошто се нивните деца цела ноќ задржани по полициски станици.
„Вчера во Ѓорче, медиумите беа насилно спречени да ја извршуваат својата работа, а граѓаните да ја знаат вистината, како во најрежимските системи. Освен што беа недозволиво навредувани професионални новинари, беше одземен и избришан службен фото и видео материјал. Вчера, власта на Груевски, се обиде да ја сокрие вистината дека им се случува протест на револтирани граѓани“, изјави Оливер Спасовски од СДСМ.
Од опозициската партија изразија сочувство со семејството на убиеното момче Ангел Петковски, кое беше погребано денеска на гробиштата во Ѓорче Петров.
„Никола Груевски и Гордана Јанкуловска треба да дадат важни одговори: Зошто нивните институции молчеле и не реагирале со месеци на жалбите од граѓаните на Ѓорче Петров дека имаат проблеми со кражби? Дали граѓаните во недостиг на правда и правна држава се дојдени до степен да мораат самите да се бранат? Дали 18 годишниот Ангел Петковски е жртва на нефункционалниот партизиран систем на власта на Груевски? И која жртва по ред е младиот Ангел“, праша Спасовски.
Слично
