СДСМ поднесе кривична против Талески, ВМРО-ДПМНЕ со реакција
Денеска СДСМ до Основното јавно обвинителство Битола поднесе кривична пријава против Градоначалникот на општина Битола, Владимир Талески.
Кривичната пријава произлегува од тврдењата во јавно објавените разговори на министерот за финансии и вицепремиер Зоран Ставрески и министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска.
„Во своето признание, Ставрески го нарекува Талески „тежок криминалец“ кој потпишал, цитирам: „коруптивен до даска договор“. Станува збор за договор за превоз на ученици, од јуни 2010 година, во кој договорените цени се дури 10 пати повисоки отколку пазарните цени“, изјави Васко Ковачевски, пратеник и претседател на ОО СДСМ Битола.
Тој искажа очекување дека Обвинителството ќе постапи согласно законите.
„Немаме доверба во судството поради контролата на власта над правосудните органи но ние го почитуваме законот и Уставот и сакаме да оставиме трага од сите овие процеси“, рече Ковачевски.
После оваа одлука на опозицијата со реакција се јавија од владејачката партија на ВМРО-ДПМНЕ.
Тие велат дека СДСМ ги оспоруваат изборите, а Заев на такви избори, станал градоначалник.
„Локалните челници на СДСМ сакаат во Битола да го пресликаат неодговорното и нејасно однесување на Зоран Заев. Не веруваат во Обвинителството, ама поднесуваат кривични пријави до него. Ги оспоруваат изборите, а Заев на такви избори, стана градоначалник. Го оспоруваат Парламентот, ама Ковачевски нема проблем, по потреба да се претставува како пратеник.
Жално е што во СДСМ во Битола во отсуство на идеја за конструктивни решенија и програма само го копираат деструктивното однесување на Зоран Заев насочено против сопствениот народ и сопствената држава.
На овој начин, преку репризирање на креирани снимени разговори за странски служби, тие стануваат соучесници на лицето З.З. во нарушувањето на човековите права, нарушувањето на приватноста, обидите за сеење страв и несигурност меѓу граѓаните и целосно уривање на институциите на државата.
ВМРО-ДПМНЕ се залага за целосно и неселективно почитување на Уставот , законите и институциите пред кои сите без исклучок сме одговорни и секој што постапил спротивно, а за тоа има цврсти аргументи и докази, неселективно треба да биде повикан на одговорност. Но СДСМ сака да дели правда по сопствена желба, со креирани и незаконски аргументи, само за да дојде на власт.
Но само пред некој ден, граѓаните им кажаа дека не сакаат „бомби“ туку конкретни дела за подобрување на животниот стандард и економскиот развој на Република Македонија“, вели во реакцијата Игор Хаџиевски-секретар на ОК на ВМРО-ДПМНЕ, Битола.
